Неасфалтираниот пат од месноста Крстец до село Луковица деновиве се пополнува со песок и се израмнува со цел да може да се помине по делницата од 5,5 километри која беше неколку пати драстично оштетена поради силните врнежи од дожд и наноси од земја.
Месната заедница и црковниот одбор се ангажираа да се санира патот со песок со цел да можат и голем број луѓе кои потекнуваат од ова место да дојдат да го прослават патрониот празник на црквата Свети Илија на 2-ри август Илинден.
-Патрониот празник Свети Илија на црквата во тетовското планинско село Луковица (Лукојца) е поводот голем број граѓани од многу градови да дојдат во ова речиси иселено село на планината Сува Гора на 2-ри август Илинден. Црковно-народниот собир годинава е организиран од дури 15 кумови. Оние кои потекнуваат од Луковица или Лукојца на тетовски дијалект живеат насекаде низ Македонија. Поради тешка пристапност до селото со оглед дека дел од патот со децении стои неасфалтиран луѓето се преселија освен во Тетово и Скопје и во другите градови на државата како и во Србија и западно-европските земји информира Ацо Спасеновски од црковниот одбор.
Селото се наоѓа на речиси 1000 метри надморска височина во склоп на општина Желино. На 2-ри август Илинден во манастирската црква „Свети Илија“ верниците може да присуствуваат на свечената црковна литургија со почеток 9 часот. Во 12 часот за сите гости кумовите на прославата организираа празничен ручек и народна веселба.
Во 2018 година во Луковица се освети параклисот посветен на Света Петка изграден на влезот во тетовското планинско село Луковица. Градењето на црковниот храм траеше 14 години, а со тоа селото доби трето православно светилиште, по црквите Свети Илија и Свети Георгиј.
Во 2020 година жителите самите собраа пари за да се изработ проектна документација за асфалтирање на патот, но се уште чекаат на реализација од Општина Желино.
ас