Во организација на Македонско – хрватското друштво (МХД) театарот ЗАмКа од Загребачка жупанија премиерно во Тетово ќе настапи со комедијата „Повеќе среќа, следниот пат (Više sreće drugi put) која се изведува на кајкавски дијалект.
Претставата ќе изведена утре, петок 11 ноември во салата на Управната зграда на Музеј на тетовски крај , поранешен Дом АРМ со почеток од 19 часот, при што влезот ќе биде слободен.
-Јожа или Јозеф, долги години живее во Германија. Материјално ситуиран, но незадоволен, бидејќи неговиот син единец Ханс, до својата 35 година останува неженет. Јозеф сака да му помогне на синот, па одлучи да дојде во родниот крај и да најде девојка. Ханс не знае за татковите намери, па со него оди кај фамилијата на село. Селските жени тука гледаат добра прилика за своите ќерки и внука, па станува вистина борба за Хансовата наклоност, најавуваат организаторите дел од комедијата, вели за претставата Марко Видачек од МХД.
Зелинскиот аматерски театар (Zelinsko amatersko kazaliste) ЗАмКа постои од 1993 година, а има успешни остварувања во Хрватска и надвор. Претставата е победник на 21-та смотра на театарски аматери на Загребачка жупанија.