Министрите Благој Бочварски и Насер Нуредини го посетија тетовско Камењане каде заврши реконструкцијата на водоводната мрежа за ова населено место во склоп на Општина Боговиње. Станува збор за 8,5 километри цевковод со што е овозможено во Камењане да има нормално водоснабдување. Реконструкцијата започна во јуни 2021 со пари од Европската инвестициона банка.
-На огромно мое задоволство, верувам и на задоволство на сите присутни овде сме да пуштиме во употреба еден многу значаен проект за општина Боговиње, а тоа е водоводот во населеното место Камењане каде што извршивме комплетна реконструкција на речиси девет километарски цевковод со којшто веќе граѓаните ќе добиваат чиста, здрава вода за пиење, нешто кое што во минатото претставуваше голем проблем на ова населено место, но и на целата општина. Се работи за голем проект којшто е со вредност од преку 15 милиони денари, инвестиција на Министерството за транспорт и врски со што драго ми е дека решаваме едно круцијално прашање за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
– Јас би сакал да му се заблагодарам на министерот Бочварски и на заменик-министерот за целосната поддршка за вакви проекти и сум сигурен дека во иднина со нов заем ќе продолжиме добра соработка за инфраструктурата на државата, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министерот Бочварски најави дека во оваа општина проектот за водоснабдување во населеното место Палчиште е во подготвителна фаза.
-Избравме изведувач, избравме надзорен орган и во текот на наредната недела е рокот кога ќе бидат воведени во работа изведувачите да започнат со реконструкција на уште еден систем за водоснабдување за ова населено место со вредност од преку 300 илјада евра. Ова е нешто за кое што треба заеднички да се бориме – локалните самоуправи, централната влада, да изнаоѓаме средства, да креираме политики и мерки преку коишто ќе помогнеме во секојдневниот живот на граѓаните, рече Бочварски.
Според информациите на министерот Бочварски преку проектот за локални улици патишта на општина Боговиње се ставени на располагање преку 700 илјади евра за активности од патната инфраструктура.
ас