Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на непрофесионалниот однос кон новинарите и медиумските работници од страна на раководството на тетовската болница, по повод вчерашната изјава на Министерот за здравство и директорите на клиничката болница во Тетово.
-Од болницата велат дека немало официјални покани, но сепак признаваат дека ПР тимот на болницата направил пропуст. Според јавните објави на дел од медиумите, на прашањето упатено до директорот на болницата Илир Демири, зошто е направена поделба и биле повикани само медиумите на албански јазик тој во порака на телефон одговорил дека станувало збор за пропуст на службата за односи со јавност на Клиничката болница во Тетово, се вели во соопштенито на ЗНМ.
Имено за настанот во Клиничката болница во Тетово, новинарите кои работат за медиумите на македонски јазик, се жалат дека не добиле покана за настанот.
ЗНМ смета дека ваков непрофесионален однос е недозволив. Бараме во иднина менаџментот на Клиничката болница во Тетово да не прави пропусти од ваков карактер, бидејќи новинарите работат во интерес на целокупната јавност која има право да биде информирана.