Здружението на Срби и Македонци ,,Бранко Чајка“ од Тетово и Здружението за развој на земјоделието и заштита на животната средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитетот ,,Живот“ од Куманово, како партнерска организација, организираат „Летна школа за српски јазик“. Проектот е поддржан од Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот при Министарството за надворешни работи на Република Србија и Општината Старо Нагоричане.
Летната школа, замислена како летен камп, е наменета за деца и млади припадници на српската националност во Северна Македонија и опфаќа 30 ученика на возеаст од 10 до 18 години. Целта на проектот е употреба, учење, чување и негување на српскиот јазик и неговото кирилично писмо како и претставување на значајните имиња на српската култура и традиција.
Школата ќе се одржи од 19 до 24 август во Старо Нагоричане во Тренинг центарот „у4у“. Покрај српски јазик и литература ќе се реализираат и часови по историја и традиција. За време на наставата ќе се посетат неколку културно-историските споменици во околината, како што се црквата Свети Ѓорѓи, манастирот Забел, Пелинце, Зебрњак и др. Вечерните часови се предвидени за забава и дружење. Меѓу другото, учениците ќе имаат можност да ги учат чекорите на неколку ора од Шумадија. Наученото ќе биде претставено пред јавноста на Завршната приредба која ќе се одржи во петок, 23 август во 19:00 часот.
Членовите на Здружението ова лето присуствуваа на Летните кампови кои што се организираа во неколку општини во Србија. Камповите се организираат за деца и млади од регионот со цел меѓусебно дружење како и запознавање со природата, културата и традицијата на Србија. Камповите се поддржани од страна на министерствата задолжени за дијаспората на Србија. Младите членови на Здружението учествуваа во Призрен, Осечина, Пожаревац и Чачак. Нивното присуство го овозможија Српскиот културно-информативен центар „Спона“ и Здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје. Следниот месец, во септември, на покана на Амбасадата на Република Србија во Македонија, една група ќе замине на неколкудневна посета на Тршиќ.