Списанието Порта3 специјализирано за градежништво, архитектура и екологија објави текст на архитектот Бошко Видоески од Тетово во кој тој анализира околу предложениот нов детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57 или површината на ШИК Јелак каде се предвидени изградба на нови згради и околу 1.100 станови. Споментиот ДУП ги помина дел од процедурите и сега е ставен на гласање во Советот на општина Тетово но на два пати не е усвоен.
Видоески во анализата смета дека новопредложениот ДУП, за урбан блок 57а, по ништо не се разликува во лајтмотивот од другите ДУП-ови насекаде низ градот и државата – добивање на што е можно повеќе бруто-развиени градежни квадратни метри, преточени во огромна бројка на станбени единици кои би требало да генерираат профит како за инвеститорот, така и за сите вклучени и засегнати страни во постапката.
-Забележуваме дека со планот се предвидува приближно 120 000 m2 да станат станбени згради со компатибилни намени до 40 %, и 20 000 m2станбени згради без компатибилни намени (или поточно 21 141 m2 – односно истите оние осумкатници со кои територијално се крши Измената на ГУП-от од 2017). Или вкупно, сигурно барем околу 100 000 m2 бруто-градежна површина (не сметајќи ги компатибилните намени, комуникациите и заедничките простории во зградите) ќе станат станови, ако не и повеќе. Оптимистички гледано, тоа се барем 1.100 станбени единици, наведува авторот.
Во текстот архитектот Видоески вели дека е предвидена е измена и дополнување на последниот Генерален урбанистички план за Тетово, инаку од 2003година.
– Со оваа Измена се менува намената на цели 4 хектарти од блок 57, и од зона за индустрија определена во ГУП-от од 2003, сега се трансформира во зона на домување и се дозволува во рамките на овие 4 хектари да се предвидат станбени згради (со вклучени компатибилни намени до 40 %). Дополнително, други 2,6 хектари од зоната за индустрија се трансформираат во зона со класа на намена Б2 – големи трговски единици. Потребата за да се направат вакви трансформации во класите, на големи површини од блокот, не се образложени и поткрепени со посебна и исцрпна студија, вели во текстот Видоески.
Целиот текст во Порта 3 на следниот линк.