На местото на поранешната претоварна станица на ЈКП Тетово на излез од градот кон стариот пат од Тетово кон Скопје неделава се продава добиток кој го купуваат верниците од муслиманска вероисповест по повод утрешниот празник Курбан Бајрам.
Една од карактеристиките која го означува овој празник е принесување жртва-курбан, симболика која претставува приближување кон Бога. Курбанското месо треба да се дели на три дела – еден за сиромашните, втор за роднините, а третиот се остава за домот.
Утре Курбан Бајрам започнува во раните утрински часови со молитва во џамиите, по која верниците кои биле на заедничко молење си го честитаат денот. Откако ќе се посетат вечните почивалишта на блиските починати, празнувањето продолжува со посета на домовите на роднините, пријателите и честитки за среќа и здравје. Курбан Бајрам се празнува два месеци и 10 дена после Рамазан Бајрам.