Вториот по ред „Протест сега, за да не биде предоцна“на ВМРО ДПМНЕ во Тетово вечерва започна во станбениот комплекс Блок 70 каде партиските членови и симпатизери со собраа со возила по што се движеа по градските улици и булевари завршувајќи пред Споменикот на Револуцијата во центарот на градот. Таму беше оддадена почит за жртвите од бугарскиот фашистички окупатор.
-Помина границата на срамот, многу боли се ова што го прави квинслингот Заев и неговата свита. Ако нашите дедовци и баби од 1941 до 1944 година се бореле против „администрација” како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави „окупатори“ а не ослободители. Не! Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден. Денес сме тука обединети под бајракот на Македонија во оваа наша заедничка борба, борба за зачувување на сето она за што нашите претци се бореле и со крв ја натопиле македонската земја давајќи илјадници жртви за слобода и создавањето на сопствена држава, истакна Ангел Карапетров, претседател на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Тетово.
Карапетров порача дека Заев може да застанува на нечива страна но само за себе.
-Денес, Заев тргува со Македонија и сака да создаде вештачка нација, се откажува од историјата и борците од АСНОМ и застанува на страната на фашистите, меѓутоа тој може тоа да го прави само за себе, не смее да го прави за целата нација, нема мандат за тоа и никој не му даде право за тоа. Не смее да го продава македонскиот народ, ниту пак македонската историја.Гледајќи ве вас тука, но и нашите браќа и сестри низ цела Македонија верувам дека нема да има отстапување од црвените линии и знам дека ќе се бориме се додека оваа ненародна власт се откаже од намерата да се пазари со чувствата на граѓаните, рече Карапетров.
И пратеникот Александар Велјановски кој беше дел од протестите се обрати пред Споменикот на револуцијата.
А.С