Членовите на црковниот одбор при манастирскиот комплекс Свети Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица викендов ги извршија завршните активности за доуредување на дворот и летната кујна. Се работеше на поставување на нов материјал за подот од летниковецот предвиден како простор за поставување на маси и столици за празничните прослави.
-Поставени се 150 кубни метри плочки на терасата каде досега беше поставен тепих. Освен за поубав изглед, со плочките ќе биде и полесно за одржување на чистотата на терасата каде се поставуваат маси и столици за празничните прослави. Воедно овие активности се завршни подготовки за уредување на манастирскиот комплекс во пресрет на празникот Свети Ѓорѓи што се одбележува на 9 декември, изјави Ангел Карапетров од црковниот одбор.
Пред повеќе од еден месев заврши и изработката на иконостасот во цркавата што се работеше шест години. Манастирска црква “Свети Великомаченик Георгиј Победоносец” во тетовска Мала Речица, по опожарувањето во 2001 се обновуваше од 2009 до 2017. Во октомври 2017 беше извршено и осветувањето, а при обновата се изградени сите пропратни објекти. Изградени се конак со трпезарија, кујна и летниковец.