Согласно владината одлука поради состојбата со коронавирусот запишувањето на децата во градинки и во прво одделение наместо досегашната практика во мај се поместува во јуни, потсетуваат од општинскиот Сектор за јавни дејности. Владата на крајот на април одлучи рокот за запишување да биде и подолг па наместо еден месец, ќе трае 45 денови од 1 јуни до 15 јули.
-Според евиденцијата на децата родени 2014 година има места предвидени за 1739 ученици во прво одделение. Сепак не очекуваме толкава бројка на првачиња со оглед на миграцијата на населението надвор од Тетово или надвор од државата. Се очекуваат околу 1200 или 1300 првачиња. Минатата 2019/2020 имаше запишано 1040 првачиња во рамки на општина Тетово, истакна Ахмед Ќазими, раководител на Секторот.
Исто како за првачињата и уписите во градинките ќе започнат во текот на јуни. За средношколците уписите се во трите уписни рокови во јуни 16 и 17 јуни, 24 и 25 јуни и 29 јуни.