Денес во Тетово свечено беше означен почетокот на 11-тото издание на Меѓународната ликовна колонија во организација на националната установа „Уметничка Галерија“. Дел од колонија се 23 уметници од Македонија, Косово, Албанија и Турција кои седум дена ќе творат на повеќе локации низ градот и околината.
-Уметничката имагинација не се реализира со ограничувања затоа јазикот на уметноста е еден и единствен метод на комуникација, реализиран на емотивно, духовно и интелектуално ниво. Уметноста и во време на пандемија создава атмосфера, промовира оптимизам и носи светло на надеж за подобри денови, затоа предизвикот на оваа уметничка колонија е како да се изгради слика и просторот за развојот на културниот живот во градот Тетово, истакна на отворањето Јелдез Арслани од Уметничката Галерија по што директорот на установата Илир Куртиши ја прогласи колонијата за отворена.
Уметниците ќе ги посетат центарот на градот, Арабати Баба Теќе и Калето. Секое дело ќе остане во Фондот на галеријата.
-Почестен сум што сум дел од колонијата, голем предизвик е за секој поединец во оваа друштво, генерација на повозрасни афирмирани уметници при што освен дружбата имаме и една задача, нешто што ќе остане како стална поставка во фондот на галеријата. Секој автор доаѓа со одреден свој одреден ракопис и врз основа на ракописот, природата или пејсажот треба да ги пренесе на платно, истакна академик проф. Д-р Феик Хусковиќ, еден од учесниците.
По седум дена творење делата на уметниците ќе бидат прикажани на изложба во Уметничката галерија во Тетово наредниот петок, 25 септември.
А.С