Средби со граѓани во Тетово вечерва остварија кандидатите за пратеници од македонската конзервативна партија Интегра предводени од претседателот Љупчо Ристовски и носителката на листата во шестата изборна единица Виолета Србиновска. Партискиот лидер ја посочи програмата насоловена како Нова македонска ренесанса како визија за подобар живот во Македонија.
-Мора да настапи новата македонска ренесанса бидејќи не се гледа крајот на тунелот чија темнина ја создаваа во овие 30 години двете најголеми партии кај Македонците. Периодот на просперитет и ренесанса ќе настапи доколку ја добиеме вашата поддршка, рече Ристовски.
Според него државата нуди многу можности за заработка кај македонскиот народ.
-Наоѓалишта со нафта и гас се кријат од нас дека постојат, а ги има, и многу може да се заработи. Има можности за нова транспортна стратегија и возови за еден час до секоја точка во Македонија, геотермалните води да се искористат за термален туризам и слични проекти за привлекување посетители, пред тетовчани понуди Љупчо Ристовски.
Носителката на листата во шестата изборна единица Виолета Србиновска се обрати пред своите сограѓани од Тетово.
-Македонскиот народ мора со поддршка на Интегра да придонесе во сочувување на македонскиот идентитет и суверенитет во услови кога Македонецот е граѓанин од втор ред во својата држава. Мора да ги задржиме младите со чесна и одговорна работа и посветеност, рече носителката на листата Србиновска.
А.С