Шар Планина како природна основа нуди многу можности за одгледување на добиток, но сточарите од тетовскиот крај велат дека се помалку се луѓето кои сакаат да се занимаваат со оваа работа. Младите не ги наследуваат родителите во оваа работа, па сточарите предупредуваат, тоа што нема кој да работи сточарство во иднина ќе значи дека ќе се произведува се помалку храна.
-Младите не чуваат стока више. И синот мој замина за Германиа. Сам ја со жената се мучимо. Овчари не можеш да платиш. 500-600 евра ти бара плата. Сами се мучимо. Млекото ти го зема 20 динари без пари. А едно кило вода ги купиш пет милијарди во продавница, вели Зијадин Зејнулаи, сточар од село Селце
Се помалку може да се егзистира од сточарството поради напластените и нерешени проблеми и лошото државно менаџирање вели Меџит Амити, од здружението на одгледувачи на овци „Шарпланинец“.
-Само треба да има човек во Влада што ги разбира работите. Човек што е упатен кај овчарството. Да го знае еден овчар колку кошта едно јагне, колку цена на чинење, тоа што го реков, да го чуваш, а не некој ќе го стаат таму некој што не знае што е овца и од улица ќе го земат ќе го стават партиски. И што он, не знае он. Тука трпи сељакот, сточарот што е. И он ќе биде во загуба една година, втора година и ќе почне да ги продава, вели Амити.
Помошта што ќе се даде од буџетот на сточарите значи помош и за самата држава, потсети Меџит тврдејќи дека така Македонија и во иднина ќе има одгледувачи на крави и овци кои ќе обезбедуваат природна и здрава храна за населението.
-Ние немаме којзнае што индустрија ние имаме овци, имаме планини, имаме пасишта, треба да се искористат тие пасишта, треба да се надополнат тие пасишта, а со ваков тренд овци нема да имаме ние за …мислам бргу-бргу нема да имаме само ќе имаат тие што сами гу чуваат фамилијарно. А иначе вака да чува некој овци, да живи од овци да зема пари не ќе може, рече Амити.
Сточарите бараат интервентни мерки од Владата, да се зголемат субвенциите за јагниња и млеко.