Во дворот на црквата Свети Никола во Тетово беше одбележана 75-годишнината од стрелањето на борците од Третиот тетовски партизански одред, Младен Симоски и Андреа Христовски на 21 септември 1944 година. Во чест и слава на стреланите борците од Третиот тетовски партизански одред беше отслужен помен парастос и положено цвеќе од страна на повеќе делегации.
Со овој настан завршија низата настани неделава кои се организира за да се одбележат 75 години од загинувањето на 19 партизани членови на Третиот тетовски одред во мавровското село Беличица.
-На 19 септември 1944 година во мавровското село Беличица покрај борците од Третиот партизански тетовски одред лоцирани во Беличица беа убиени и 17 деца, жени и старци од селото од страна на балистичко движење помагачи на италијанскиот фашистички окупатор. Два дена подоцна во Тетово во црквата Свети Никола беа стрелани Младен Симоски и Андреа Христовски, рече во својот говор Јовица Тофилоски, подржувач на традициите од НОБ.
Во рамки на одбележувањата во Музејот на тетовскиот крај на 18 септември се одржа историски час и изложба на портретите на загинатите партизани. Почит на загинатите беше оддадена и пред нивното спомен обележје во Трница на денот на погибијата 19 август, а вчера цвеќе беше положено пред бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан.