Тетовската противпожарна територијална единица надмина над 500 интервенции во текот на оваа календарска година, од која преостануваат уште 70 денови, информира командантот Ука Алити. Најголемиот дел од евидентираните постапки се гаснење на пожари, а останатите се интервенции при сообраќајки и несреќни случаи како и извршување на дезинфекција низ градот.
-Над 80 отсто од 504 интервенции евидентирани досега во тетовската противпожарна единица се однесувааат на гаснење на пожари. Бројката подразбира дека секојдневно имаме речиси по две интервенции,а ако се знае дека од вкупниот број речиси 80 проценти се пожари значи дека секој ден се гаси по еден пожар, вели командантот Ука Алити.
Најголема проблем и понатаму за пожарникарите претставува големата територија што ја покриваат односно од Јажинце до Пирок и од Попова Шапка па се до Групчин. Тоа се Тетово и пет други рурални општини или околу 200 илјади население.
-Оддалеченоста за нас е најголема потешкотија, поточно навремено да се стигне и да се изгаси пожар. Никако руралните општини да покажат иницијатива да формираат свои единици или доброволни друштва од кои само бараме првично да интервенираат за да се спречуваат поголеми пожари. Ние секако би биле тие кои би ги локализирале и ликвидирале огновите. Ние имаме села кои се далеку и по 30-тина километри или пак оние во планина до каде треба еден час за да се стигне, потенцира командантот Алити.
Проблеми има и во градот Тетово каде бргу може да се стигне до одредена улица, ама проблемите се јавуваат кога треба да се пристапи до одреден објект.
-Често пати се соочуваме со несовесни возачи и други сопственици на возила кои ги паркираат не мислејќи дека треба да има пат за пожарна и брза помош. Најмногу ни е проблем нас, пожарникарите бидејќи треба да одиме до местото на пожар што побргу да бидеме ефикасни да го локализираме навреме тој пожар. Кај нас секундите се во прашање, а не минутите. Апелирам до нашите граѓани да бидат внимателни и да припазат каде ги паркираат и како ги парираат возилата да не ни бидат пречка нас пожарникарите, апелира Алити.
Во тетовската пожарна работат 70 пожарникари.