Александар Велјановски, координатор на советничката група на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Тетово и член на извршниот комитет на партијата ја одржа денешната прес конфреренција на која зборуваше за двете години владеење на општинската власт.
-Би сакале овој прес да започне со пофалби за успешно реализирани проекти од страна на владеачката гарнитура но за жал не е така. Народот памети, секогаш кога сдсм управува на централно и локално ниво граѓаните се сведоци на беззаконието безредијата и општиот пустош во сите слоеви на опшеството.
Изминуваат две години од како коалицијата СДСМ и ДУИ е на власт на локално ниво на чело со градоначалничката Теута Арифи и скоро три години власт на централно ниво. Во овие две години наместо ветениот подобар живот Тетовчани живеат се полошо и полошо. За овие две години во Тетово нема ниту една инвестиција, ниту едно нивно ветување не е исполнето.
Арифи и СДСМ во предизборието ветуваа дека Тетово ќе стане европски град, еколошки чист град, со многу нови паркови и зелени површини. На урбанистички план ветија асфалтирање и уредување на улици и тротоари и нивно осветлување, пробивање на нови булевари, редовни линии за јавен транспорт. Ветија реновирање на училишта и спортски објекти и што ли уште не.
За две години за жал ниту еден капитален проект не е реализиран. Централната и локалната власт го свртеа грбот на Тетовчани.
Тетово е еден од најзагадените градови во светот, град во кој владее урбанистички хаос, со институции кои тонат во долгови и во кои владее непотизам и лошо менаџирање.
Јавно ја прашуваме градоначалничката и раководството на сдсм :
Во која фаза е гасификацијата на Тетово, изградбата на катната гаража во центарот на градот, изградба на регионалната депонија, пробивањето на булеварот ’’Благоја Тоска“ и ’’Видое Смилевски Бато“ до каде е реконструкцијата на улицата Гоце Делчев, слободните паркинг места и средувањето на сообраќајнот хаос, новите автобуси и изградбата на автобуските постојки? Каде се ветените подземни контејнери, машини за метење и перење улици, нови спортски сали?
Зошто православните гробишта се руинираат, а капелата не се пушта во употреба. До каде сте со решавање на проблемот со кучињата скитници, реконструкција на градскиот стадион, изградбата на отворениот базен.
Што се случи со ветувањето за поддршка на младите: изградба на модерно и урбано шеталиште крај улицата ’’Борис Кидрич“, отворање читална во склоп на градската библиотека?
За пензионерите ветивте реконструкција, модернизација и надградба на пензионерскиот дом во Тетово, отворањето на пензионерските катчиња во две населби во градот?
Дали има вистина во објавите на некои медиуми за вмешаност на луѓе блиски до градоначалничката во аферата Рекет и неодговорното трошење на парите од европските фондови од страна на локалната самоуправа?.
Почитувани, неодговорниот пристап кон граѓаните мора да престане, локалната власт треба да биде сервис на граѓаните.
За жал Тетово од бизнис и индустриски центар станува град на сиромаштијата, нема развој на стопанството и странски инвестиции. Само празни зборови, лажни ветувања, задолжувања во странство и безобразно трошење на народните пари.Како последица на лошата економска политика во Тетово има масовно иселување и заминување во странство.
Почитувани Тетовчани, на недомаќинското работење му се ближи крајот. Тетово заслужува чесни и одговорни луѓе кои сериозно ќе работат за интересите на градот и Република Македонија.
Доаѓа време на честити луѓе кои ќе бидат отчетни, секогаш со народот и подготвени да пооднесат одговорност за своите постапки
Почитувани Тетовчани не губете надеж, паднаа маските, доаѓаат подобри времиња. Не чека многу работа, за Обнова на Република Македонија, истакна Велјановски.