Припадници на Армијата на Македонија од денес и во Тетово започнаа да соработуваат со полициските службеници во одржувањето ред за влез во објектите каде функционираат банките, телекомуникациските компании и маркетите при што вообичаено се собираат повеќе луѓе. До ова соработка дојде откако општината побара од државните институции да помогнат во одржување ред пред објектите, а за тоа градоначалничката Теута Арифи разговараше и со претседателот Стево Пендаровски кој беше во посета на Тетово во вторникот.
-Во однос на соработка со Армија на состаноците на Кризниот штаб имаме и членови од касарната, на состанокот со претседателот Пендаровски се договоривме Армијата да биде испомош за одржување на редот во текот на забрана на движење и во ситуиација кога има собирање на повеќе луѓе кога е пред банките, изјави Теута Арифи.
Од полицијата во изминатиот период нема евидентирано нарушувања на јавен ред и мир пред објектите на банките, телекомуникациските компании и маркетите. И понатаму се бележат само поединци кои го прекршуваат полицискиот час и се движат за време на термините за ограничено движење. Во периодот од 7 часот вчера до денес во Тетовско се евидентирани 3 лица кои ја прекршиле мерката по што се лишени од слобода.
А.С