Тетовската полиција апелира доследно да се почитува законската регулатива доколку се приредува огномет, да биде пријавен во полициските станици.
Марјан Јосифоски, портпаролот на СВР Тетово потенцира дека во летниот период во регионот кога во полн ек е сезоната на свадбени и други семејни свечености се карактеризира и со вечерно приредување на огномети.
-Секторот за внатрешни работи Тетово со апел до организаторите на вакви свечености огнометите претходно да се пријавуваат во полициските станици или одделенија и задолжително да ги спроведат пропишаните мерки на безбедност. При пријавувањето на огнометите потребно е да се наведе времето, местото и бројот на пиротехничките средства што се планира да се употребат, согласно член 39 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, вели Јосифоски.
Секторот за внатрешни работи Тетово укажува на неопходноста од навремено и целосно спроведување на мерките за безбедност, за да се избегнат несакани појави и да не се доведува во прашање животот и имотот на присутните на овие свечености.
Од таму информираат дека веќе има засилени контролните активности кои се однесуваат на свадбените свечености и приредувањето огномети и законски ќе ги санкционира сите прекршоци од оваа област.