Во текот на минатиот месец јуни полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово на подрачјето вкупно откриле и законски санкционирале 2.057 различни видови неисправности, односно сообраќајни прекршоци или 1.281 повеќе во споредба со истиот период лани.
Големиот број прекршоци резултирал со многу поединци и возила кои се исклучени од сообрќај.
-Во контролните активности, редовни, засилени и акциски, поради констатирани прекршоци, од сообраќај биле исклучени 66 возила. Најмногу од исклучените возила (38) имале истечена регистрација над 30 дена, кај 27 била утврдена техничка неисправност, а кај 1 возило претовар. Во јуни, исто така, од сообраќај биле исклучени и 359 возачи, од кои 216 управувале без возачка дозвола, 53 под дејство на алкохол, 63 возачи-почетници, 19 со несоодветна категорија и 8 со важечка забрана за управување, потенцира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Покрај тоа, во овој период времено биле одземени 89 возачки и 40 сообраќајни дозволи, додека тетовската „пајак-службата“ вкупно подигнала 131 непрописно паркирано возило. Во јуни времено биле одземени и 28 возила поради истечена регистрација повеќе од 6 месеци.
А.С