СВР Тетово бележи неколку физички напади
Полициски службеници на СВР Тетово вчеравечер (28 април) во 20 часот ги лишиле од слобода Ш.М.(52), М.М.(35) и М.М.(34) од Тетово, кои половина час пред тоа, пред станбена зграда на улица „Киро Ристевски-Дрнц“ во Тетово, физички се пресметувале со Б.Б.(21) и Х.А.(42), исто така, од Тетово. Во меѓусебната пресметка, според пријавеното, а на која и претходела вербална расправија помеѓу Ш.М. и Б.Б., Х.А. употребил гасен пиштол, информира СВР Тетово.
Трите лица лишени од слобода се задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка, по што на сите инволвирани во случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.
Дваесетгодишниот А.С. од тетовско Радиовце вчеравечер (28 април) во 23 часот и 50 минути во СВР Тетово пријавил дека околу 22 часот и 15 минути на излезот од селото Брвеница физички бил нападнат од едно лице кое управувало патничко моторно возило „мерцедес“, а поради недоразбирања во сообраќајот. Се расчистува случајот.
Педесет и седумгодишна жителка на тетовско село вчера (28 април) во 15 часот и 40 минути во СВР Тетово пријавила дека околу 11 часот и 30 минути во семејниот дом физички била нападната од синот и снаата. Се расчистува и документира случајот.