Овој и посебно наредните два месеци, јули и август, на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености. Ваквите свечености минатите години, повеќе или помалку, се карактеризираа со повремени нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства.
Со цел навреме да се превенираат и ефикасно да се спречат овие појави, Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје.
Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31 се движи од 200 до 500 евра.Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик на Република Македонија ).
На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните организатори навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки . Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи.
Секторот за внатрешни работи Тетово во месеците кои претстојат, во значителна мерка ќе ги засили контролните активности на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир и конкретно и ефикасно ќе постапува, а за што деновиве и се одржуваат бројни состаноци на совeтодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници во Полог