Иако деновиве во тетовско бројот на заболени од Ковид-19 се намалува, коронавирусот веќе подолг период го нема само во кластери туку има широко распространета трансмисија на болеста, потенцираат од тетовскиот центар за јавно здравје.
Денес таму бележат само пет нови случаи од кои 2 во рамки на општина Тетово и по еден во други три рурални општините Теарце, Желино и Брвеница. Вчера имаше шест нови случаи. Минатиот петок, 10 јули од 205 нови случаи низ државата во тетовско имаше 13. Во споредба со пред еден месец, на 17 јуни во тетовско имаше 19 новозаболени од Ковид.
-Вкупно дијагностицирани луѓе во тетовско достигна бројка од 900 лица, од кои активни во моментот се 291 човек, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.
Задолжителна уредба на Владата во насока на превенција од коронавирусот со носење на заштитни маски сепак не се почитува доследно со оглед на секојдневните казни кои ги дава полицијата.
-Во текот на изминатото деноноќие за неносење заштитни маски на 28 лица во тетовско им се изготвени прекршочни платни налози, согласно член 6 од соодветната владина Уредба, информираат од СВР Тетово.
Во овој период на 30 лицa изготвени им се нови решенија за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а извршени им биле контроли на 526 со такви решенија, при што не биле констатирани неправилности.
А.С