Со црковно народни собири денес патроните празници ги одбележаа црквите во тетовските села Туденце и Варвара кои го носат името на Преподобна маченичка Параскева – Света Петка. Во двете цркви беа отслужени празнични богослужби, верниците палеа свеќи за здравје, а беа прережани и славските лебови со што се одредија кумовите на прославите за наредната година.
Во селото Варвара кое е претежно иселено, пранзикот е можност своите родни куќи да ги посетат голем верници кои потекнуваат од таму. Во црквата беше извршен и водосвет за здравје на верниците, а во дворот се организира празничен ручек од кумовите.
Митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф по повод празникот во храмот Света Петка во Гостивар во сослужение со свештеници од гостиварското намесништво богослужеше света литургија.По литургијата беа благословени кумските лебови.
-Денес согласно црковниот календар на нашата Православна црква се собравме во овој храм литургиски да го одбележиме блажениот спомен на од нас секогаш торжествено прославуваната мајка, преподобната маченичка Параскева Римјанка, чиј празник е познат помеѓу верниот народ и како летна света Петка. Помеѓу мноштвото на светителките, кои маченички пострадале за Христа Бога во ранохристијанскиот период, односно во вековите кога христијанството и христијаните биле гонети, со името Параскева особено се прославени три светителки. Така освен споменот на денешната светителка Параскева Римјанка, ние ги прославуваме и спомените на света Параскева Епиватска во месец октомври и на светата Параскева Икониска во месец ноември според нашиот календар. Сите три светителки се прекрасни помошнички за сите кои со молитва им се обраќаат за помош и застапништво, исткна владиката г. Јосиф во беседата.