Снегот што изненадувачки падна пред два дена е добредојден за тетовскиот водоводен систем со оглед дека значително ќе ја зголеми издашноста на изворите, велат од работната единица „Водовод и канализација“ при Јавното Комунално Претијатие (ЈКП) „Тетово“.
Според раководителот на водотехничката лабораторија Љуљзим Шаќири практиката покажува дека секој снег што го има на повисоките предели на Шар Планина резултатира со зголемување на издашноста на изворите со вода кои се наоѓаат на тие места.
-Дополнителните врнежи од снег уште повеќе ќе придонесат за вода во изворите и подземните канали. Во моментот градот има доток на вода од 350 литри во секунда што е добро за овој период. Во текот на април ќе достигне и до 500 литри во секунда, колку што максимално покажува нашиот систем капацитет на вода, вели Шаќири.
Сепак тој потсетува дека нерационалното трошење како и старата градска дистрибутивна мрежа придонесуваат за губење на големи количини од водата.
-Град како Тетово кој има околу 90-тина илјади жители и уште околу 20 илјади кои доаѓаат па се користи водата може да има доволно вода доколку се намалат ефектите од нерационалното трошење, кое негативно придонесува со 70 отсто и ако има посовремена градска мрежа. Таков пример е Корча во Албанија, каде со отприлика 200 литри вода во секунда се опслужува целото население со слична бројка. Ние постојано работиме на менување на старата мрежа каде се јавуваат дефекти, а наоѓаме цевки стари и стотина години. Во Корча наеднаш беше заменета цела мрежа, објаснува Шаќири.
Од „Водовод и канализација“ потенцираат дека секојдневно се работи на остранување на некој дефект во водоводната мрежа. Денес таква интервенција имаше на улицата Струшка, поради што има времен прекин во снабдувањето со вода.
А.С