Секторот за комунални дејности при општина Тетово периодов на неколку места во градот има поставено нови сообраќајни знаци и информативни табли на столбови високи до 4 метри. Целта на поставување на повисоки столбови со знаци е да не бидат предмет на намерни оштетувања од страна на несовесни жители. Воедно и да се избегнуваат и непожелните ситуации кога граѓаните со главите удираат во ниско поставените знаци или пак тие таблите се удирани и оштетувани од камиони и автобуси.
-Такви столбови се користени и порано во Тетово, станува збор за метални столбови за сообраќајни знаци кои се високи вкупно 4 метри, од кои половина метар мора да биде во земја. Постарите модели се 180 сантиметри па ако на столбот има и два сообраќајни знаци често пати се предмет на оштетувања но и проблем на граѓаните да поминат покрај нив на тротоар, информираат од Секторот за комунални дејности при општина Тетово.
Според претставниците на секторот до 30-тина сообраќајни знаци со столбови годишно се евидентираат како оштетени.
За менување на оштетените столбови, сообраќајни знаци и семафори во 2020 година потпишан е договор за јавна набавка со фирма од Гостивар со вредност од над 1 милон денари, објавен на електронскиот систем за јавни набавки.
Според годишниот план за јавни набавки на општина Тетово за 2021 година сега во февруари е предвидена јавна набавка „одржување на хоризонтална и вертикална сигнализација и паркинг системи“.
А.С