Од денес нема производство во најпознатиот Волнарскиот комбинат АД „Тодор Циповски-Мерџан“ во Тетово познат како „Тетекс“. Последната работна единица од поранешниот гигант фабриката „Конфекција“ го прекина работењето, информираат од синдикалната организација.
Според Љупчо Радовски од синдикалната организација сите 140 работници кои досега работеа во конфекција ќе бидат обештетени.
-Предвидени се седум лични доходи за оние работници кои имаат над 25 години работен стаж, а останатите соодветено на должината на стажот. Оние кои се пред пензија ќе бидат 18 месеци под Заводот за вработување, а другите ќе бидат до една година, изјави Радовски.
Како компанија Тетекс ќе продолжи да работи, а според информациите на Радовски има и направена програма за реорганизација.
-Во случај на повторно да има производство предноста ја имаат овие работници кои сега се отпуштени, изјави Радовски.
Комбинатот Тетекс започна со работа во 1951 година. Во 1986 година бележи најголема вработеност од 8.800 работници. Комбинатот се состоеше од фабрики во кои спроведуваше цел процес на производство-Предиво и волница, Ткајачница,Трикотажа и Конфекција.
А.С