Месната заедница од Галичник инфомираше дека тетовските пожарникари и припадниците на АРМ биле заслужни за ликвидирање на пожарот во месноста Укален.
-Вечерва на две локации со интервенција на Командир Ука Алити и пожарникар Веби Сефери од тетовската противпожарна бригада и припадниците на АРМ вечерва се затворени и последните две жаришта на пожарот кај Укален. Да се надеваме дека утре пожарот нема да се обнови. Благодарност до Врховниот командант, претседателот Стево Пендаровски и сите други институции за интервенцијата, напишаа од месната заедница на Фејсбук страницата.
Утринава соопштија дека во Галичник е мирно.
-Во текот на вечерните часови, единиците на противпожарната служба заедно со специјалната единица Волци на АРМ ги згаснаа и последните остатоци од пожарот. Војниците овде ја поминаа ноќта, а дополнително во текот на целата ноќ во состојба на готовност беа единици координирани од ЦУК. Утрово извид на лице место направи пешадиска единица од земја и воздухопловен Винг – воздухопловната единица на АРМ со два хеликоптери од воздух. Сите жаришта се згаснати, информираа од месната заедница.