Тетовските пожарникари членови на независниот синдикат на државна управа велат дека четири месеци откако договорија со општина Тетово за износите за платите, надминувањето на разликите се уште се трае, а за дел од параметрите се водат постапки и во суд. Според пожарникарите, договор има за главниот износ на платата но не и за додатоците како што се дежурствата , празнични и викенд дневници и прекувременото работење.
-Постигнат е договор пожарникарите да добијат дополнителните 20 бодови зголемување плата. Друг проблем кој што го кочи реализирањето на договореното е вештачењето на исплата на делот од плата што се однесува за ноќно работење, прекувремена работа, викенд и празнични дежурства. Разлика има во ставовите на вештакот од општината од една страна и вештакот од синдикатот од друга страна. Судот сега наложи супервештачење, кое сметаме дека не е потребно, а воедно е и многу скапо. Само за еден пожарникар вештачење на исплатата на плата е околу 550 евра, а има над 50 лица или вкупно околу 30 илјади евра, велат тетовските пожарникари членови на независниот синдикат на државна управа.
Во јуни беше постигнат договорот меѓу претставниците на синдикатот на пожарникарите во Тетово и градоначалничката Теута Арифи. Двете страни формираа работна група која има задача да го реализира договорот преку вонсудски договори. Во текот на годината пожарникарите неколку пати протестираа и бараа изедначување на платите со колегите низ државата.