По јубилеен 10-ти пат во тетовско Теарце се одржа манифестацијата „Денот на гравот“ која има за цел промоција на најпознатиот земјоделски производ во регионот како и етно-културната разноликост на подрачјето. Посетителите на оваа манифестација како и секоја година имаа можност да дегустрираат храна подготвена од ученици, како и грав подготвен од страна на организаторите „Центар за едукација и развој“ (ЦЕД) од Теарце.
-Десет години опстојуваме и покрај сите потешкотии со кои се соочуваме. Продолжуваме со манифестација која е богата со гости, активности и програма. Една од целите да бидат сите на една маса. Тоа може да се види и денеска без разлика на сите поделби на општеството, сите заедно сме тука без предрасуди, изјави Лазар Ѓорѓевски од ЦЕД.
Министерот за дијаспора Едмонд Адеми истакна дека оваа манифестација е една од тие што ги обединува луѓето.
-Пред 10 години беше една манифестација која почна заради промоција на земјдеолски производ и стана манифестација која обединува по етничка и религиозна основа што е убавината и на регионот и на државата, да покамежеме дека имаме култура и традиција на заедништво, рече Адеми.
Сите посетители имаа можност да пробаат од гравот кој го подготви готвачот Димко Ѓорѓески.
-За над 400 лица ставивме 20 килограми грав, 5 килограми пиперки, 5 килограми кормид и едне килограм лук. Гравот годинава е добар иако имаше мал род, објасни готвачот.
На манифестацијата традиционално настапија културно уметничките друштва од трите националности македонска, албанска и турска кои живеат во регионот.Овогодинешниот настан беше збогатен и со одбележување на „Европскиот ден на зелениот појас“со изложба на фотографии и филмови од германската фондација Евро-натур. За прв беше како дел од настанот во канцеларијата на ЦЕД, се организираше акција за донирање на крв во соработка со Црвениот крст на Република Македонија.