Планинарскиот клуб Јелак в недела 4 октомври планира планинарско искачување на Езерски врв на Шар Планина на 2580 метри надморска височина, што претставува тешка тура за која е потребна добра физичка подготвеност и пристојна опрема.
-Ова спаѓа веќе во тешка тура и е на нивото на Кобилица, Пирибег и Бориславец. Се работи за тешка и напорна тура која започнува од село Јелошник на околу 900 мнв и завршува на Езерски врв на 2.580 мнв што значи искачување на блиску до 1.600 мнв и должина на стазата од околу дваесетина километри. За ова треба навистина добра физичка подготвеност, како и пристојна опрема, бидејќи временските прилики во овој период можат да бидат тотално непредвидливи, велат од ПК „Јелак“.
Треба да се носи стандардната опрема за овој период на годината, со тоа што мора да се обрне внимание на можните врнежи на дожд/снег како и заштитата од сонце (капа, крема за сончање, наочари).
-Стандардните планинарски чизми се задолжителни, не смее со патики, теренот е мешавина од земјен пат, тревнати ливади и карпест/каменест терен. Потребни се барем два литри вода. По патеката вода има на почетокот, на јелошкото бачило и на уште едно место, извор под Езерска чука, информираат од ПК „Јелак“.
Наведената планинарска акција е организирана и движењето и движењето се одвива во група предводена од организаторите и водичите согласно правилата на федерацијата за заштита од Ковид-19.
А.С