Здружението на пензионери во Тетово во соработка со специјалист радиолог д-р Павле Спасеновски од средината на август ги продолжи бесплатните прегледи со ехо апарат за дојки и абдоминални органи. Ваквите прегледи започнаа на почетокот на март но беа прекинати поради пандемијата на коронавирусот.
-Станува збор за ехо-дијагностички прегледи со цел навремено откривање на болестите на дојките, гуша и сите абдоминални органи. Од досегашниот увид кај женската популација најраспостранети се болестите на дојките, болеста рак на дојка е на прво место кај жените. Кај машката популација најмногу се соолуваат со болестите на бубрези, простата и бешика, нормално согласно самата возраст, вели д-р Спасеновски, инаку субспецијалист за болести на дојки.
Прегледите е предвидено да се одвиваат од 15 до 31 август, секој вторник и петок, од 9.30 до 13.30 часот.
-По потреба ќе се продолжи и некој ден во септември. Превентивата и честите прегледи се најдобар начин за брзо октривање на ваквите болести кои со соодветен третман даваат можност да се избегнат трагичните последици. Сметам дека тетовските пензионери се дисциплирани и водат навремена грижа за своето здравје, рече д-р Спасеновски.
Тетовското пензионерско здружение брои околу 11.500 членови.
А.С