Преку иницијативата „Овој септември, ранецот полн“ која ја поттикна активистката од Тетово, Рита Бехадини се собрале училишни материјали доволно да се наполнат 145 училишни ранци. Ученици од семејства со лоша економска состојба од Тетово и Теарце ги добија овие училишни материјали и ранци со кои ќе можат да следат настава во новата учебна година. 12 од ранците се дадени на деца во село Јаболчиште, општина Велес.
– Собирањето на школските материјали започна на 15-ти август. За 10 дена, граѓаните имаа можност да донираат школски материјали на некои локации во Тетово. Поради тоа што има поголема количина на моливи, гуми, острилки и тетратки, истите ќе се поделат и во повеќе училишта, изјави Рита Бехадини.
Според нејзините пресметки, еден ранец со материјалите чини околу 2.500 денари. Вкупно собраните материјали вредат 362.500 денари, или околу 6.000 евра, без да се пресметаат и преостанатите средства што се наменети за училиштата.