24-годишна пациентка од Тетово е најмладата досега која почина од КОВИД 19. Немала регистрирано хронични болести, објави денес ТВ Телма. Денес починаа 8 лица од Ковид 19- од кои 4 се од тетовско.
Според извори на Телма таа на Инфективна Клиника во Скопје била донесена на 28 јуни, а претходно се лекувала два дена во Тетовската болница, каде дошла по една недела домашно лекување од КОВИД 19. Откако ги добила првите симптоми матичниот лекар и дал соодветна терапија, но ситуацијата не се подобрила и таа била хоспитализирана во Тетово. Брзо и се влошила ситуацијата и отежнато дишела, потоа била префрлена на скопска Инфективната клиника.
Тука имала извесно подобрување, но состојбата во последните денови се влошила бидејќи се појавиле кардиолошки проблеми и во нејзиното лекување, освен инфектолозите биле вклучени и кардиолози. Не била на респиратор, затоа што нејзината сатурација била на задоволително ниво. Проблемите со срцето настанале паралелно со корона вирусот, по што и починала.
Во наредниве денови, докторите од Инфективната клиника ќе стапат во контакт со нејзиното семејство за да испитаат дали девојката имала претходно некакви здравствени проблеми кои можеби влијаеле ситуацијата со болеста да се влоши, се наведува во текстот објавен на интернет страницата на ТВ Телма.