Бистите на народните херои од Народноослободителната борба Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Циповски-Мерџан се поставени во дворот на Меморијалниот музеј посветен на Комунистичката партија на Македонија во населбата Два Бреста во Тетово.
Поставувањето следи по договор на општинската организација на Сојуз на борци-Тетово и Националната установа Музеј на тетовски крај којашто го управува Меморијалниот музеј на ЦК на КПМ (Куќа на Јовановци).
Бистите беа отстранети во 2005 година кога почна реконструкцијата на градскиот плоштад, а градоначалник на Тетово беше Хазби Лика од ДУИ. Од тогаш безуспешни беа обидите на Сојузот на борци бистите да се постават на градскиот плоштад.
„Поставувањето е одобрено од Управниот одбор на Музеј на тетовски крај, во дворот на спомен куќата на ЦК КПМ во населбата Два Бреста. Засега е изграден е постамент на кој се ставени бистите, а треба да се работи и на уредување на споменикот, информираа од Музеј на тетовски крај.
Од Сојузот на борци Тетово велат дека бистите се времено поставени во дворот на Музеј на тетовски крај.
„Поставени се со цел непречено оддавање на почит сè додека не се исполнат услови за нивно враќање на градскиот плоштад од каде противзаконски беа отстранети, велат од Општинската организација на Сојуз на борци-Тетово
Народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан биле припадници на Третиот тетовски одред и загинале во битката кај мавровското село Беличица на 19 септември 1944 година во борба со балистичките фашистичка организација.
Во Беличица загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред, а потоа балистите убиле 17 жени, деца и старци и го запалиле целото село. Биле заробиле и четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември.
Тодор Ципоски-Мерџан бил роден 1920 година, а за народен херој бил прогласен во 1951 година. Ѓоце Стојчевски-Амбарче кој бил загинал на 25 години, за народен херој бил прогласен 1953 година.
За народни херои биле прогласени во 1951 и 1953 година, а бистите на плоштадот во Тетово биле поставени во 1970 година. Спомен биста на Ѓоце Стојчевски-Амбарче има во паркот „Стара библиотека“, а на Тодор Ципоски-Мерџан во кругот на текстилната фабрика Тетекс.