Од 8 до 10 часот во сите подружници на Македонска Пошта како и во Тетово вработените протестираа револтирани и загрижени за иднината на претријатието и за своите работни места, со оглед на финансиската криза подолг период која резултира и со доцнење на платите.
Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на протестот во Скопје изјави дека не знаат кога ќе земат плата, а според него и менаџерскиот тим нема одговор. Тој рече дека овој протест на вработените во Пошта е почеток на процесот на штрајк кој ќе почне на 7 јуни.
„Македонска пошта е доведена до состојба на уништување, опстојувањето е под голем знак прашалник и бараме итна средба со новата Влада и да ги решиме состојбите. Она што го бараме со години е да се отпочне веднаш и неодложно со новите реформи и целокупна реорганизација. Постапката за систематизација на новите работни места е темел и основа за понатамошна стабилизација и функционирање на друштвото. Владата треба да се заземе за интересот на Македонска пошта, бидејќи 2.000 вработени ќе останеме на улица и ќе бидеме единствен пример во светот државна пошта да не функционира, односно да не постои, истакна Велигденов.
Синдикатот бара реформи – да нема повеќе 15 подружници со 15 директори и илјадa раководители.