Претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова на ВМРО ДПМНЕ ја претстави нејзината кампања „Македонија повторно горда“ во Тетово.Гордана Силјановска Давкова од Тетово порача дека легитимитетот извира од граѓаните и ним им припаѓа.
„Ако не го остварувате она што сте го ветиле, ако не сте напредувале во економијата, во здравството, социјалната заштита, образованието, вие сте делегитимирани и треба да си одите! Не да ветувате дека сега во вториот мандат чуда ќе направите. Однесувањето на нашиот претседател ми личи на Јанус со не знам колку лица. Еднаш вели: – Се што не сум остварил, ќе остварам. Па наредниот ден вика: – Се остварив, нема причина што друго да ветувам дека ќе остварам, рече Силјановска-Давкова.
Таа истакна дека транзицијата во државата е една од најдолгите и претставува маратон без крај и дека треба да се поработи на европските стандарди.
„Извештаи покажуваат дека со оваа власт може да продолжиме само во циклично движење во еден хибриден режим, таков систем во кој има избори, има институции, ама институциите се слаби, изборите не се секогаш фер и демократски, ама најмоќните се премоќни. Секоја моќ се заканува да ве корумпира, апсолутната моќ ги расипа оние на врвот во сите институции. Згора кога на клучните позиции се најдоа луѓе без дигнитет, без авторитет, логично е -тие се опкружија со слични на нив, не со слични на вас. Затоа, заразна е корупцијата и криминалот, стана системска. Тогаш имаме формални носители на власта и вистински носители на власта. Тие одлучуваат кој на кое место ќе дојде, по послушноста до нив. Ќе бидеме европјани кога во оваа држава ќе има стандарди во владеењето на правото, во човековите слободи и права. Во заштитата на малцинските права, кога владеењето на правото ќе овозможи добра економија, кога ние ќе создадеме амбиенти за либерална економија, истакна Гордана Силјановска Давкова.
Партискиот лидер Христијан Мицкоски, упати прашања до Пендаровски во врска со тоа какви планови ковал во вила Водно со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци.
„Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија. Стево Пендаровски треба на ова да одговори па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега“, рече Мицкоски.
Се обрати и носителката на листата со кандидати за пратеници од ИЕ6, Дафина Стојаноска, која и порача на професорката Силјановска Давкова дека има историска улога на овие избори
„Знаете што ве чека. Но ВМРО ДПМНЕ и народот во Македонија само во Вас ја гледаат надежта. Нема да биде нималку лесно да ја воскреснете Македонија и да ја издигнете од пепелта од која овој нивниот ќе ви ја предаде. Впрочем и затоа прифативте, затоа што нема да биде лесно, за тоа што и најтешките задачи ги преземаат најхрабрите. Да беше лесно немаше да бидете вие, да беше лесно немаше да биде ВМРО ДПМНЕ. Заедно со вашето искуство и знаење и нашата и поддршката од народот Вие го преземате кормилото и почнуваме ново патување. Патување на кое сите ќе се придружат и патување кое почнува после 8 мај. Од Вас очекуваме да бидете исто толку професионална одлучна и гласна како што бевте во Парламентот и каква што сте биле на Универзитетот, истакна Дафина Стојаноска.
Воедно Стојаноска рече дека на Македонија и е потребен претседател како професорката Гордана Силјановска Давкова која беспрекорно ги знае законите и принципите на владеење ги гради врз нив, а воедно упати и порака до кандидатката за претседателка да нема милост кон неправдата.
ас
фото ВМРО ДПМНЕ