Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Брвеница Јовица Илиевски денес пуштија во употреба реконструирани улици во Брвеница и Радиовце, а увид извршија на активностите за реконструкција на училиште.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека му е задоволство да присуствува на завршени проекти во делот на патната инфраструктура коишто изминативе децении биле ветувани, но никогаш не биле завршени.
„Еве сега овој градоначалник, заедно со оваа општинска администрација, со овој совет којшто ја поддржува работата на Јовица, може да биде горд затоа што децениските ветувања конечно се реализирани и конечно жителите во ова населено место во Општина Брвеница ќе имаат можност да тоа што го очекувале со децении го почувствуваат и видат и да може да уживаат во подобар комфор во својот живот. Останатото коешто го спомена градоначалникот се проекти коишто се реализирани или во периодот којшто следи ќе бидат реализирани, нешто што досега во Општина Брвеница не се случило во историјата, истакна Христијан Мицкоски.
Во Радиовце беше пуштена во употреба улицата „1“ со четири краци, а во Брвеница улицата „Дубрава“ исто така со четири краци. Двете улици се финансирани од Светска банка преку Министерството за транспорт.
„Завршивме реконструкција на улица со должина од 1252 метри во Поречко маало во Радиовце со вредност од над 11 милиони денари, и завршена е реконстрикција на 1220 метри улица „Дубрава“ во село Брвеница во вредност од над 7 милиони денари. Пуштањето во употреба на улицата во Радиовце е капитална историска инвестиција во селото која жителите ја сонуваа повеќе од 40 години, а сега е реалност, истакна Јовица Илиевски.
Реконструкцијата на ОУ „Коста Рацин“ во Брвеница се прави со над 20 милиони денари обезбедени од Министерството за образование и наука, а опфаќа замена на кров, фасада, внатрешни врати, подови, ѕидови и плафони.
Општина Брвеница ќе добие средства за капитални инвестиции од Владата за нови проекти.
„Во овој прв ран којшто ќе ги финансираме од страна на државата, за неколку проекти коишто ќе бидат финансирани во вредност вкупна од околу 37 милиони денари, веќе во јануари кога ќе биде објавен следниот повик имаме уште проекти за коишто Општина Брвеница е подготвена се разбира да ги реализира, истакна Мицоски.
„Со 39-те милиони денари ќе се реконструира улица во Брвеница и Долно Седларце со должина од 845 метри, две улица во Челопек од 845 метри и Горни Челопек од 466 метри, улици од 946 и 524 метри во Милетино, во Радиовце нова делница од 458 метри. Во сите десет населени места ќе се изградат веранди за одмор и престој на граѓаните на отворено и исто толку детски игралишта. Инвестираме како никогаш до сега, со цел да го спречиме или намалиме иселувањето ,рече Илиевски.
Од тековни активности се работи на обнова на обиколна улица во Долни Челопек во вредност од шест милиони денари и улица со должина од 455 метри од седум милиони денари, како и улицата „Браќа Јањиќ“ во Брвеница од 790 метри за 20 милино денари. Во Челопек се поставува нова фасада за ООУ „7 Март“.
фото Влада на РСМ