По силниот и интензивен дожд во Тетово и околината зголемен се повиците до пожарната и општинските установи за интервенции поради поплавени улици, куќи и дворови.
Тетовските пожарникари попладнево извлекоа комбе заглавено во насобрана дождовна вода кај подвозникот во Желино. Така се спасени 11 патници. Интервенцијата ја изведоа четворица пожарникари.
Интензивниот повеќе часовен дожд денес е причина повторно да има поплавување на коловозните ленти на булеварот „Благоја Тоска“ околу последниот кружен тек кај касарната. Полицијата ги пренасочува возилата да одат по други улици.
Од ТППЕ Тетово информираат дека имаат повици за интервенции во Мала и Голема Речица, каде се испумпува вода од поплавени куќи и нивните дворови и подруми.
„Во моментов имаме интервенции по неколку повици во Мала и Голема Речица, каде се испумпува вода од куќи и нивните дворови и подруми, информираше Авни Амети“, командир на тетовската противпожарникарска единица.
Пред две недели, на 20 септември, исто така силен дожд предизвика делумно поплавување на улици, дворови и куќи во градот како и во Мала Речица.
ас