Неколку десетици дрвја со различна големина се исечени во коритото и долж реката Пена во правец кон месноста Бањиче, во акција за која општината вели дека е за расчистување на речниот правец и со превентивна цел за да се спречат поплави. Акцијата вчера била прекината, откако реагирале државните институции МВР, Шумска полиција и Национални шуми.
Од Општина Тетово реагираа дека акцијата за одржувањето и чистењето на реката е направена како нивна обврска, а не на полицијата или шумската полиција и затоа сметаат дека владејачката партија ДУИ им прави опструкции.
„Како што можете да видите денеска, дрвјата се на истото место каде што беа и вчера. Од шумската полиција вчера рекоа дека денеска ќе ги отстранат, бидејќи според нив немаме право да ги транспортираме. Јасно се гледа дека нивната цел е само да ја попречат нашата работа. Кое е решението што го понудија? Ништо. Дрвјата се тука и не ги отстранија, кој ќе одговара сега откако не спречија вчера, кој ќе одговара во случај на поплави? ДУИ ги загрозува животите на граѓаните само за да им попречи на другите, не им е ништо друго важно освен нивната дневна политика“, изјави Самет Бислими, директор на ЈКП Тетово.
Од СВР Тетово информираа дека вработен во ЈП „Национални шуми“-Тетово вчера во СВР Тетово пријавил дека во месноста Бањиче во Тетово, без нивна дозвола, вработени во Општина Тетово вршат сеча на дрвја.
„На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници на СВР Тетово, кои утврдиле дека станувало збор за планирани активности на општината, кои не се во надлежност на СВР Тетово и за тоа изготвиле соодветен писмен материјал“, се вели во соопштението на СВР Тетово.
Граѓаните со кои разговаравме денес, а ги сретнавме на пат кон Бањиче не се согласуваат со сечењето на дрвјата.
„Поголема глупост не можеле да направат. Секаде се садат дрвја, тие овде ги сечат. Тие не се ни суви, имаше сенка, природа. Вчера ги сечеа. Браните ги спречуваат поплавите“, истакна граѓанин.
„Ова што го гледате овде е масакр. Ова е вчера направено. Одам редовно овде и вчера кога видов, страшна работа беше. Ова е штета за природата, видете како е голо се. Не се садат нови, а се сечат, многу е лошо тоа“, изјави жител на Тетово.
Ако се сечат дрвја треба да се прави анализа дали е добро тоа да се направи, вели Нгадњим Мехмети, еколошки активист и потенцира дека тоа е сериозна работа која може има голем негативен ефект врз природната разноликост.
„Од локалните власти слушавме дека се чисти коритото, тоа е за поздравување, состојбата е лоша со години. Треба да видиме дали еколошки елаборат, кој го има направено донесено оваа одлука и дали има направено тест, кој дрва треба или не треба да се сечат. Ако им се остава на работниците на ЈКП не сме баш сигурни дека имаат направено добра одлука. Ние сме против сечење на секое едно поединечно дрво. Може само ако нема негативен ефект“, изјави Нгадњим Мехмети.
Патот и пешачката патека долж реката Пена од црквата Пресвета Богородица до месноста Бањиче се користи за рекреативни намени за пешачење, трчање, велосипедизам и има должина од два километри.