Планинарски клуб „Љуботен“ од Тетово одржа мултимедијална презентација „90 години Попова Шапка“ на која беше претставена историјата од развојот на тетовскиот скијачки центар.
Посетителите во Музејот на тетовски крај (Дом АРМ) имаа прилика да видат повеќе десетици разгледници кои биле издавани во текот на изминатите 90 години од почетокот на формирањето на Попова Шапка како планинарско-скијачки центар на Шар Планина. Емитувани беа и два кратки филмови.
Претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиновски информираше дека на 11 ноември 1934 година е свечено отворен првиот планинарски дом на Попова Шапка.
„Попова Шапка до тогаш не ни се знаела, не ни постоела, како скијачки центар. Со отворањето на овој планинарски дом почнува градењето на Попова Шапка. Овој дом е првиот чекор кој планинарите го направиле со цел освојување на височините на тој дел од Шар Планина. Домот го изградиле членовите на нашиот клуб, тогаш планинарско друштво „Љуботен“ со членовите на туристичко друштво Југ од Скопје и тоа се почетоците на Попова Шапка“, истакна Јован Божиновски.
Првата разгледница била издадена една година подоцна во 1935 година со фотографија од првиот објект планинарскиот дом.
Во просториите на ПК „Љуботен“ се чуваат над 400 разгледници од Шар Планина, од кои 70 отсто се од различни периоди на Попова Шапка.
На тема разгледница, елаборираше д-р Бранислав Светозаревиќ историчар и архивист.
Презентацијата „90 години Попова Шапка“ е дел од активностите кои се организираат во чест на ослободувањето на Тетово 19 ноември и манифестацијата „Непокорот е слобода-80 години Слободно Тетово“.
ас