Каратистката Михаела Мишовска од тетовско Беловиште, која е член на клубот Олимпик Спорт од Скопје наредната недела од 24 до 29 октомври во Будимпешта ќе настапи на Светското првенство во карате како членка на карате репрезентацијата на Македонија. Таа е единствена претставничка од тетовскиот регион во репрезентацијата.
Осумнаесет годишната Михаела Мишовска ќе се натпреварува во категорија сениорки под 50 килограми.
Карате федерацијата на Македонија објави дека успешно се завршени подготовките и дека натпреварувачите се подготвени за СП.
-Подготовките поминуваат одлично, формата на сите нас е на високо ниво. Пресудно за успех ќе биде добра ждрепка и секако, спортска среќа. Ветувам дека ќе дадам максимум во борбите на моето прво сениорско Светско првенство, порача Михаела.
Македонската карате репрезентација на Светското првенство ќе настапи со 18 каратисти. Во Будимпешта ќе учествуваат 988 каратисти со 1130 натпреварувачки влезови од 112 држави.