Општина Тетово од денес почна активности кои се најавени како меѓународната соработка, а во рамки на членството во Унијата на турските општини во светот. Во Тетово се одржа состанок на дваесетина општини членки на Унијата.
„Претседателот на Унијата директно придонесе во минатото на Тетово се донираат околу 100 контејнери кога најмногу и треба на Тетово за да се изменаџира со отпадот. Работиме за реализација на други проекти со Унијата и со одредени општини, по-конкретно за еден центар за природните науки, каде нашите ученици од основно и средни образование ќе ги добијат основните и практичните знаења од овој центар. Таков пример, има повеќе во Турција кои се основани од општините. Исто така, со големо задоволство, сакам да ги информирам граѓаните дека со претседателот веќе договоривме дека ќе се врати уште еден голем и значаен проект за Тетово а тој е изградба на Саат кулата во центарот на Тетово каде што и беше. Проект кој пред многу години беше договорен меѓу Општина Тетово и Општина Коња, но за жал од претходните власти тоа беше суспендиран, изјави Биљал Касами.
На новинарско прашање зошто има потреба да се гради Саат кула од едно минато време, кога вчера Касами рече дека не треба да се биде заложник на минатите времиња и треба да се сменат имиња на улици, тој рече дека Саат кулата била симбол на градот.
„Збориме за еден објект кој беше симбол на Тетово. Саат кулите се симболи на градовите секаде каде што се, кај што биле. Ние се обидуваме да го вратиме идентитетот и да ги вратиме културните обележја во градот Тетово и тоа се сигурно се во правец на покажување на нашето минато кое сигурно е многу важно. Што сè однесува до тоа што дадов коментар во врска со имињата, ние сме свесни дека неколку имиња од тој период, од тој систем не се баш добредојдени првично за македонскиот народ, а после и за другите народи. Тој период не беше светол период за граѓаните на Македонија, посебно за Македонците и за другите, затоа што има многу Македонци кои беа принудени, пратени во Голи оток и во други затвори заради тоа што ги искажа своите национални чувства. Затоа, не го кажав само од аспект на Албанците или од други заедници, го кажав од аспект на тоа што Македонија не беше најсреќна и Македонците, Албанците и другите заедници не беа најсреќни кога живееја во тој период. Затоа се надевам дека ќе се рефлектира во тој однос и ќе имаме предвид дека Македонија е во овој период и ориентирана кон Европа и така треба да се однесува“ одговори Касами.
Претседателот на Унијата и градоначалник на општината Коња во Турција, Угур Ибрахим Алтај, рече дека оваа асоцијација е формирана во 2003 година и сега членуваат 1200 општини низ светот. Општина Коња донирала 100 илјади евра за Тетово со цел инвестирање во подобрување на водоснабдувањето, но парите биле вратени со цел средствата да се префрлат градовите погодени од земјотресот во Турција.
ас