За тоа што заменик премиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ имаше прием за Милорад Додик, претседателот на Република Српска во Босна и Херцеговина, критика доби од коалициониот партнер во Владата, претседателот на Движење Беса и тетовски градоначалник Биљал Касами. А во Тетово денес Касами и општината организираа средба како дел од Унија на турските општини во светот.
„Кога сме во јавни функции, сигурно дека треба да сме свесни за позициите кои ги носиме од тие позиции, ние ги претставуваме сите граѓани, не може додека сме во тие позиции да изразуваме наши лични желби и лични позиции. Не може во министерство да се прима еден човек кој е во црната листа на Соединетите Држави и да се каже „Тој е мој личен став и тоа е лична желба“. Македонија е мултиетничка и во позицијата која ја носи дотичниот министер, треба да биде свесен дека треба да ги претстави сите заедници во Македонија, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, сигурно и Србите. Затоа се надевам дека ова ќе биде последна изјава и последни јавно изнесени ставови на министерот во оваа насока за тоа што значи тој треба да биде свесен и чувствителен за мултиетничиот карактер на Македонија“, изјави Касами.
Стоиљковиќ е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, која е дел од Владата, заедно со Движење Беса.