На Фејсбук-профилот на тетовскиот градоначалник Биљал Касами поставено е видео со снимки од пречекот на косовскиот премиер Албин Курти на плоштадот, а како аудио заднина е поставена песна со наслов „Добредојдовте во Албанија“. Над видеото е напишано „Тетово знае да пречека“, само на албански јазик.
Ова видео со песна следува откако во петокот на концертот по повод пречекот на Курти се вееше знаме со карта на таканаречена Голема Албанија која опфаќа делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција. Оваа фотографија исто така беше поставена кај Касами на социјалната мрежа Фејсбук.
За веењето на знамето со карта на Голема Албанија на концертот во петокот од 20.30 часот, иако најави, СВР Тетово досега нема нови информации околу преземените мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот.
Пред концертот на публиката и се обратија и Албин Курти и Биљал Касами. При говорот Курти порача дека Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија.
Во петокот попладне Курти беше во посета на Општина Тетово, а потоа со градоначалникот Билал Касами заедно потоа го посетија планинското село Вејце. Двајцата се заложија за побрза изградба на патниот правец Тетово-Призрен кој би минувал низ Шар Планина.