Зелински аматерски театар (ЗАмКа) од хрватскиот град Свети Иван Зелински, утре по втор пат гостува во Тетово со театарска претстава, овој пат со комедијата „Сè за љубов. Хрватските актери лани исто така во ноември по поканата на Македонско-хрватско друштво (МХД) гостуваа во Тетово со комедијата „Повеќе среќа друг пат“.
-По минатогодишниот голем интерес за комедијата на театарот „ЗАМКА“, Тетово повторно ја угостува оваа хрватска театарска група – овој пат со нова комедија под називот „Сè за љубов“. Режијата за претставата ја потпишува Штефица Фањек, а во 60-те минути ќе ја следиме мајката Влатка која, специфично за мајките, е загрижена за иднината на своите двајца синови – Иван и Зоран. Тие немаат постојана работа, а што е полошо, Иван нема ниту жена ниту деца, па за него се грижи неговата мајка. Гледајќи дека „ѓаволот ја има однесено шегата“, Влатка се одлучува да ја земе судбината на синовите во свои раце, па ја повикува Марица која се занимава со спојување на парови, за да иберат девојка за Иван, информираат од МХД.
Театарската претстава „Сè за љубов“ ќе биде изведена утре, сабота, во НУ „Музеј на тетовски крај“ (поранешен Дом на АРМ), со почеток во 19 часот. Влезот е слободен.
Зелинскиот аматерски театар (Zelinsko amatersko kazalište – ZAmKa) ЗАмКа постои од 1993 година, а има успешни остварувања во Хрватска и надвор.
ас
фото МХД