Од големо значење е раното дијагностицирање на ракот на дојка, затоа што влијае многу за ефектот на терапијата како и прогнозата кај жените со таа болест. Ова е главната порака на лекарите од денешната панел-дискусија по повод месецот на подигање на свеста против ракот на дојката што ја организираше Општина Тетово. Во последните неколку години во Тетово, според искуството на лекарите најмлада пациентка била 27 годишна жена.
„Карциномот на дојка е причина за најчеста смрт кај жените, и треба да се обрне внимание не само во октомври месец, туку преку целата година. Она што го знаеме е дека инциденцата (зачестеноста) е голема, а средна возраст е 50 до 59 години. Сепак ризик група се жените над 40-тата година. За жал во поново време секаде, па и кај нас, се зголемува честото појавување, а возрасната граница е помала. Затоа треба да се зборува во текот на целата година, истакна д-р Весна Колевска, онколог при Клиничка болница Тетово.
Д-р Арѓент Имери субспецијалист по дијагностика на дојка и началник на одделение за радиологија при Клиничка болница Тетово рече дека ова малигно заболување е толку зачестено што се очекува кај секоја осма жена да заболи па затоа вакви настани се многу битни, за да се подигне свесноста дека единствен начин да се спречат последиците и да се постигне успех во лекувањето е навременото откривање.
„Во Тетово нивото на свесност не е задоволувачко, треба уште да се работи на подигање на свеста и да се информира популацијата. Проблемот е во тоа што кај нас жените не се свесни за фактот дека тие треба да имаат редовни периодични прегледи, без да имаат некој проблем, без да почувствуват некакви симптоми, бидејќи рак на дојка не дава симптоми во фазата во која може да се излечи. Кога ние ќе дојдеме во симптоматската фаза претежно, зборуваме за напредната метастатска болест, која не се лекува целосно. Клиничка болница Тетово, ги исполнува условите да има кабинет за преглед на дојка, којшто го немаат многу центри во Македонија, имаме ултразвук, мамографија и може да направиме задоволителна дијагностика. Се забележува тренд на зголемување на жени кои доаѓаат на регуларни периодични прегледи, но сепак не е задоволувачко нивото, бидејќи тоа се претежно жени кои имале во семејството случај, па по 5 години ќе заборави да дојде на преглед, па ќе се појави по некое време кога ќе биде доцна, истакна д-р Имери.
Градоначалникот Биљал Касами посочи дека оваа болест како предизвик, жените не треба да го надминуваат сами.
„Како сопружници, семејство, пријатели и како општество, имаме морална обврска да бидеме покрај нив, да им помогнеме стравот да се претвори во сила, очајот да се замени со надеж, и секој ден да биде исполнет со љубов, поддршка и грижа. Во оваа битка никој не треба да се чувствува осамен. Солидарноста не е само теоретски концепт, туку одговорност која му припаѓа на секој од нас. Преку подигнување на свеста и конкретни дејствија, можеме да изградиме општество што се грижи и ги поддржува најранливите меѓу нас“, рече Биљал Касами.
Во Македонија многу малку има 6 субспецијалисти за дијагностика на дојка, кои го спроведуваат Националниот скрининг за рано откривање на рак на дојка, па се наметнува потреба за создавање кадри кои ќе спроведуваат ваков скрининг во повеќе центри во државата.