Отворените армиски денови кои се организираат во повеќе градови низ државата по повод 4-годишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата денес се одржаа и во Тетово.
На градскиот плоштад во Тетово можеше да се види различен тип на воена опрема, приказ на вештините и опремата на специјалните сили, како и настап на воениот оркестар.
„Преку ваквиот тип на активности сакаме Армијата да ја приближиме до граѓаните кај кои ужива голема доверба и тоа ме радува. Сакаме да им покажеме на граѓаните што е она во што вложуваме и како ние ја гарантираме нивната безбедност и стабилност“, рече министерката Славјанка Петровка која заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес во Тетово присуствуваа на настанот.
Голем беше интересот на граѓаните, особено децата да се фотографираат со војниците и опремата која беше поставена на градскиот плоштад.