Тетовската уметница Ивана Настески на 28 октомври ќе се претстави пред домашната публика со нова изложба на акварели која носи наслов „Флора“. Во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе бидат изложени 31 акварел, а воедно ова претставување е во насока на симболично одбележување на 20 години од нејзината прва, самостојна изложба во Културниот дом во Тетово.
Текстот за каталогот го пишуваше Ана Голејшка Џикова со наслов „Емотивен букет во рацете на божицата Флора“.
„Нема да е претерано ако речам дека магијата на допирот со боја и идеја е вечниот раскош на сликарската есенција, а оваа изложба го има тој епитет. Во сликите на Ивана Настески, особено во оваа серија, боите силно го зачувуваат моќниот симбол на пролетта, нејзината вештина на преродување и обновување. Ивана во својот циклус „Флора“ го бои секој поединечен цвет во вечна рамка на еден миг од времето. Во акварел, гваш и туш техника, сликарката ги претставува цвеќињата од различна типологија, но во нив умешно ја потенцира нивната деликатност. Сувото планинско цвеќе наспрема жестокиот, темоцрвен гербер во „Флора“ како концепт, кај мене пробуди чувство, спасоносна идеја дека уметноста секогаш се труди да биде мост помеѓу нас и светот околу нас. Да ја отстапи слободата на духот во било кој формат. Да нѐ оживее, да ни го динамизира животот, да нѐ препороди! Да ни даде надеж, вели Ана Голејшка Џикова.
Понатаму, во текстот Ана Голејшка Џикова вели дека Ивана токму тоа го постигнува со овој „букет“ слики во кои освен цвеќето, се појавуваат и сочни калинки и дуњи.
„Пролетта, божествената мајска миризба на цвеќето се чувствува и преку нејзините слики и израз во кој игривоста е главен адут. Редок синестетски спој на елеганција, женственост и глас низ боите кои ослободено „прскаат“ и го прават секое нејзино поединечно дело како жив организам кој зборува. Длабоко виолетово, сончево жолто, интензивно црвено – се само дел од емотивните нијанси во кои се гледа како уметникот му вдахнува душа на цветот. Женскиот принцип на раѓање, обновување на циклусот наречен живот е најсилната страна на оваа изложба. Не само поради фламбојантниот израз, туку и поради неговата искреност. Цвеќиња се даваат кога човек ќе успее, ќе победи, но се оставаат и кога човек ќе замине засекогаш во вечноста. Ивана на совршен начин ја спојува моќта на цвеќето кое засекогаш останува во вечноста на уметноста, и истовремено ја носи победата. Како кога божицата Флора игра и пее, славејќи го новиот живот кој доаѓа“, истакнува Ана Голејшка Џикова.
Ивана Настески е родена 1981 година во Тетово. На Факултетот за ликовна уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“-Скопје во 2004 има дипломирано на одделот графика, а во 2009 и магистрирала на одделот графика и графички техники.
Со самостојни изложби освен во родниот град се претставила и во Скопје, Охрид, Кавадарци, Прилеп, Белград, Шабац и Дрезден, а на групни изложби повеќе македонски градови како и во Србија, Русија, Грција, САД, Португалија, Кина, Швајцарија, Мексико, Тајван Шпанија Словенија. Учествувала на бројни меѓународни графички биенални и триенални изложби.
Член е на ДЛУМ од 2009 година, а добитничка е на повеќе награди меѓу кои и Гран при награда за графика на Македонија.
Фотографии: Драги Неделчевски / Зоран Андонов.