Седмото по ред годишно организирање на најавената планинарска тура „Милениумска патека“ на планината Сува Гора, планинарскиот клуб „Јелак“ од Тетово успешно го реализираше.
За оваа планинарска тура, денес имаше одлични временски услови за пријатно планинарење, како и можност за запознавање со големото и богато културно наследство во населените места на Сува Гора, Блаце, Стенче и Волковија.
„Годинава имавме 170 планинари од голем број градови од државата, а групата освен низ шумскиот предел имаше прилики да посети и седум цркви и археолошкиот локалитет Граиште кај селото Стенче. Денес имавме одлични услови за планинарење и дружење, имавме сончево и топло време. Како и секоја година досега по организираниот превоз од Тетово движењето низ шумските предели почнува од крајот на селото Блаце. Таму прво се стигнува до месноста Самовилска вода и црквата Света Троица. По краток престој и одмор, од Самовилска вода заминававме кон атарот на селото Стенче, поточно до црквата Света Петка. Овој предел претставува единствена нагорнина која ја искачуваат планинарите и претставува движење од 720 до 880 метри надморска височина. По краток престој пак се движевме и стигнавме до археолошкиот локалитет – месност „Граиште“, исто во Стенче каде слушнавме за значењето на ова место во ранохристијанскиот период и ширење на православната вера. Од таму стигнавме до црквата Свети Илија, за мал одмор, по што следуваше црквата Света Екатерина каде имаше најголема пауза за одмор, јадење, пречек од домаќините со чај, овошје и благо, како и едукативно предавање за храмот и светителката, информираше Борис Стојановски-Цули, претседател на ПК Јелак
Света Троица, Самовилска вода Блаце
Света Петка-Стенче
Археолошки локалитет Граиште
Свети Илија, Стенче
Света Екатерина, Стенче
Свети Георгиј Победоносец, Волковска Чука
Свети Мина, Волковија