Со свеченост со мотото „Непокорот е слобода-80 години Слободно Тетово“ се одбележа 19 ноември денот кога во 1944 година градот и Македонија се ослободени во Втората светска војна од фашистичката окупација.
Општинската организација на Сојузот на борци Тетово од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи, како организатори на оваа манифестација додели признанија 19 Ноември за животно дело како и за особен придонес во одредена област.
Признание 19 Ноември за животно дело постхумно добија две личности. За општествен развој постхумно за семејството на поранешниот градоначалник на Тетово, Кочо Тулевски (1921-1995), а за медицина и здравствена заштита постхумно за семејството на примариус д-р Драган Филиповиќ.
Потоа признанија 19 Ноември за животно дело во областа на спортот доби Крсте Серафимовски, за театарска уметност Ладомир Савески, за култура Владимир Кочовски, за музичка уметност Ибуш Ибраимовски.
Одборот за оддавање на признанијата се одлучи годинава врвни признанија да додели на Драги Неделчески за достигнувања во фотографска уметност, на ресторан Бела Миа за особен придонес за градско живеење, за актерите во претставата „Момчето со пругасти пижами“ на драмското студиот Летечка театраска трупа за особено достигнување во театарската игра, на планинарски клуб Љуботен за трајни вредности и за позитивен пример преку формирање на патеката за чест на учителот на учениците од ОУ „Братсво Миѓени“- Спортски центар, под раководство на помошник директор Даниела Апостоловска.
„Тетово даде три партизански одреди и два народни херои Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Симовски-Амбарче кои се втемелени во историјата на нашиот град. Затоа ние продолжувачите на нивните дела вечно ќе се сеќаваме и ќе ги славиме. Да ги спомнеме вечерва, да си спомнеме, за една света чета, четата на бесмртните кои почиваат на нашите градски гробишта. Слава им и фала им. Одбележувањето и чествувањето на овој светол датум на нашиот град Тетово како и други значајни датуми и државни празници се законска, цивилизациска, а пред се морална обврска и долг кон борците на Народно-Ослободителната Армија на Македонија, на нас продолжувачите на нивните дела, надградувјќи ги, чувајќи ги спомените и спомен обележјата за идните генерации за заедничкиот живот за сите во овој град“, истакна во пригодното обраќање Лилјана Симовска, претседателка на ОО на Сојуз на борци и граѓани продолжувачи.
Дел од свеченоста беа музичко сценски настапи на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, голем број тетовски музичари, хоровите Менада и Лале и актерите од драмското студио Летечка театаска трупа.
Во пресрет на свеченоста се одржаа дваесетина настани за кои Тетово инфо беше медиумски покровител.